„Ако го сретнеш Буда на патот, убиј го!“ – е насловот на една книга од која најдов само делови на интернет, и ми се допаднаа. Неколку извадоци:
Човек тргнува во потрага по Вистината, по духовно просветлување, по гуру чиј ученик ќе стане самиот тој. Човекот/ ученикот му пристапува на духовниот учител со барање: „Мојот свет се скрши. Поправи го.“ И од него очекува да му каже што и како треба да направи за да биде среќен, и како да го живее својот живот, но да не биде одговорен за своите постапки.
Но, со време сфаќа само дека никој не може да го подучи за Вистината… Тајната е дека не постои тајна, а списокот на вечните вистини сите го носиме во себе:
- Ништо не трае вечно.
- Не можеш да го добиеш, ако не го побараш.
- Светот не е праведен или неправеден, туку одржува баланс.
- Во суштина, ништо не контролираш самиот.
- Не можеш да натераш некој да те сака.
- Не постојат големи луѓе.
- Ако пред себе имаш херој, погледни подобро – мора да си се потценил себеси.
- Напредокот е илузија.
- Слободен си да правиш што сакаш, треба само да се соочиш со последиците.
