Постои ли судбина? Дали сè е „пишано“, или е наша одлука да избереме? Дали и одлуката што ќе ја донесеме е одредена однапред од некакви сили? Откако постои човекот се обидува да ја предвиди иднината. Ако постои судбина, иднината може да се предвиди, ако не постои – сè што ќе кажат „пророците“ е погрешно. Сепак, низ историјата пророците биле ценети. Посебен пример е пророкот од Провенса. Значи постои судбина?
Видовитите велат – некои точки од животниот пат се неменливи – мора да се случат, но повеќето не се, па имаме можност да делуваме по сопствен избор.
Астролозите велат – можат да се предвидат можностите, но дали ќе ги искористиме е наш избор.
И Чинг вели: „Закон на небото е да се испразни полното и да се наполни она што е празно; кога сонцето е во својот зенит, тоа мора, според законот на небото, да сврти кон заоѓање, а кога е во надир (најниската точка), се искрева кон ново изгрејсонце. Како послушност на истиот закон, месечината кога е полна почнува да се јаде, а кога е празна од светлина, нова месечина, се полни повторно. Овој небесен закон функционира во судбините на луѓето исто така. Тоа е закон на земјата да го преправи полното и да го дополни празното. Високите планини се лизгаат надолу поради водите, а долините се пополнуваат. Тоа е закон на судбината: да го поткопа она што е полно и да го расцвета она што е умерено.“
Заклучок (мој се разбира): Судбината е непроменлив закон, кој мора да се исполни. Но човекот ја има моќта да ја вообличи својата судбина преку своето однесување со кое самиот себеси се изложува на влијанието на благонаклоните или на деструктивните сили. Кога човек има висока позиција, а е арогантен и нескромен, тој ќе падне од својата позиција; а оној што е на ниска позиција и се придржува до највисоките доблести, тој не може да биде одминат. Животот го докажува тоа…
