Tuesday, March 27, 2012

МАЈА

Брама бил осамен и му било досадно. Сакал да си игра, ама немал со кого. Ја создал Маја за да си игра со неа. Таа му рекла: „Добро, ајде да ја изиграме најубавата игра од сите.“ И му кажала како. Според нејзините зборови, Брама ја создал целата вселена – Сонцето, Месечината, ѕвездите, реките и долините на Земјата, а потоа и сите растенија и животни.

Тогаш Маја восхитена од илузорните убавини пред неа, побарала од него да создаде суштества кои ќе можат да се восхитуваат на сета таа убавина. Така Брама ги создал луѓето, и ја прашал Маја кога ќе започне играта.

Но, Маја во тој момент го грабнала Брама, го исекла на ситни парчиња, и во секој човек ставила по едно парче, а на Брама му рекла:

„Сега нека започне играта! Јас ќе создадам Сон, Илузија, и ќе направам да заборавиш кој си, а ти обидувај се да се разбудиш, да се пронајдеш.“

Брама сè уште се обидува да се пронајде себеси. Учењата кои доаѓаат од Индијците, Индијанците, од христијаните, од сите култури го зборуваат истото: божественото е во вас, треба само да му дозволите да се разбуди.