Tuesday, March 27, 2012

ВРЗУВАЊЕ ВРВКИ

Силата што управува со нашата судбина се наоѓа надвор од нас, и нема никаква врска со нашите постапки и со нашата волја. Понекогаш таа сила ќе нè натера да затстанеме при прошетка во природа и да ги врзиме врвките од патиките, и со тоа ќе нè спаси од сигурна смрт. Ако продолжевме, врз нас ќе паднеше огромна карпа откината од околниот предел покрај кој требаше да поминеме.

Но, некој друг ден, во некој друг предел, таа иста сила ќе нè натера повторно да застанеме и да си ги врзиме врвките од патиките, а карпата овој пат ќе ни падне врз главата и ќе нè убие. Да не застаневме, овој пат ќе се спасевме.

Со оглед дека никако не можеме да управуваме со силите кои решаваат за нашата судбина, единствената слободна волја која можеме да ја покажеме низ животот е во тоа да си ги врзуваме врвките од патиките олабавено и весело во моментот кога силата ќе нè застане, што и да треба тоа да ни донесе.