Реалноста си ја толкуваме како што умееме. Ни фали поголемата слика. Ни фали сликата на шума, ги гледаме само дрвјата. Или информациите не ги процесираме реално. Ги пуштаме низ призмата на сираче-дете, оставено, напуштено. Духовниците би рекле – светот го гледаме низ призмата на егото, но егото не е секогаш проблем. Проблем се информациите, лажни, извртени, или огромен недостаток од нив.
Ако не можеме да го прифатиме она што постои во надворешниот свет, таму некаде надвор, тогаш ни останува само да ја прифатиме сопствената реалност. Кога болката е длабока, бегството се чини единствен спас. Но не е. Нема каде да се избега, нема излез.
Духовност. Му годи на егото: тоа е нешто што е модерно да се прави или да се има. И ете уште една замка, сопка на патот до себеси. Оставаме ли нешто или некого во име на лажната духовност? Велам, лажната, бидејќи вистинската духовност не остава никого и ништо, а сепак ништо не поседува и не задржува. Она што не е добро за нас, самото отпаѓа, што и да е (луѓе, предмети, ситуации).
„Каде одиш Господе?“ - го праша Петар духот на Исус.
„Да ги спасам оние кои ти ги оставаш.“
