И сабајлево уште ги слушам песните на Ориѓански што ги пее Каролина. Елегичната нишка во нив ме тера да мислам на животот, на годините. Остарев. И сè повеќе размислувам повторно за смислата на живеењето. Велам повторно, затоа што ова беше актуелно кога го осознавав животот, во пубертетските години и неколкуте наредни. И сè повеќе не сум сигурна дека „наречниците“ знаеле зошто ми `посакуваат` токму ваков живот.
Животот нè води низ Сцили и Харибди. Умните велат: „За да научиме како да станеме подобри.“ Почнав да се сомневам во ова. Плановите на Големиот Архитект едноставно не ги знаеме. Никогаш не ни биле дадени на увид, а може и ќе ги сфатевме, кој знае. А сите обиди да се проникне во тајните, смислата и целта на „планерите“, завршувале со: „Па ти не можеш да ја измериш тежината на огнот, не можеш да го вратиш вчерашниот ден, зошто тогаш мислиш дека ќе ги разбереш плановите и идеите кои стојат високо над твоето поимање?“
И така се замолкнувани човечките желби и обиди да учествуваат поподготвено во креацијата наречена – Универзум. А ние се вртиме во круг: Која е суштината на живеењето? И кому му е потребно ова искуство?
Хм. Остарев, знам. Затоа се враќам на темата: „А што е животот, воопшто?“
