Пред неколку дена, барав некои податоци за животот во Охрид од 9 век до 12 век, и каде да барам ако не во писмата што ги пишувал Гркот архиепископ во Охридската архиепископија – Теофилакт Хефестос (Ифест), наречен Охридски. Најдов што си барав, ама најдов и две нешта што не сум ги знаела претходно:
1. Дека Теофилакт во Охрид го дочекале со пеење на „борбени победоносни песни“, од кои овој толку се уплашил, што побарал веднаш да го вратат во Цариград. Не спомнал ништо повеќе за песните. Штета. А можел да го запише текстот, ако не и нотите.
2. Крстоносците кои минувале низ нашите краишта одејќи за првиот свој поход, запалиле цело едно село. Ова не е од Теофилакт, туку од монахот Роберт, кој го опишувал патот на крстоносците на Боемунд Тарентски низ Македонија (1096 година). Меѓу другото соопштил дека тие
„Откако тргнале од Касторија (Костур) дошле до Пелагонија, каде имало некаква тврдина на еретици, којашто ја нападнале од сите страни. Ја опсипале со стрели од сите страни и брзо ја зазеле. Го однеле од таму сиот имот и ја изгореле (населбата) заедно со нејзините жители. Тоа ги снашло наполно заслужено, бидејќи биле еретици (богомили, веројатно).“
За палењето на „населбата која била изградена среде некакво езеро“ пишале и Петар Тудебод, Вилхелм Тирски, и други анонимни автори, сите учесници во Првиот крстоносен поход.
Муабетот ми е – да се уплаши толку од песните? Бесценето би било да можеме да ги чуеме денес. А за крстоносците – се тераат муабети дека само против муслиманите се бореле, и дека по пат биле примерни. Ете колку биле примерни…
