Зен учителот Хакуин живеел во еден град во Јапонија. Бил високо почитуван и многумина го посетувале за да добијат од него духовни совети. Се случило што ќерката на неговите соседи, тинејџерка, забременила. Кога нејзините бесни и огорчени родители ја испрашувале за идентитетот на таткото на детето, таа на крајот им рекла дека тоа е Хакуин, зен учителот. Во силниот бес, родителите отрчале до Хакуин и со викање му рекле дека нивната ќерка признала дека е тој татко на нејзиното дете. Сè што тој им одговорил било: “Така ли?”
Скандалозните вести набрзо се прошириле низ градот и надвор од него. Учителот ја изгубил својата репутација. Тоа ни најмалку не го загрижило. Никој повеќе не му доаѓал во посета. Тој не реагирал. Кога се родило детето, родителите му го донесле бебето на Хакуин. “Ти си таткото, ти грижи се за него.” Учителот со многу љубов го чувал детето. После цела година, мајката на детето покајнички признала дека вистинскиот татко на детето е момчето кое работи во месарницата. Многу потресени, родителите отишле кај Хакуин да му се извинат и да бараат простување од него. “Навистина ни е жал. Дојдовме да си го земеме детето назад. Нашата ќерка призна дека не си ти таткото.” “Така ли?” било сè што им рекол тој, и им го предал детето.
Првиот пат откако ја прочитав оваа приказна, ми се врежа во меморијата, и секојпат кога имам можност, ја раскажувам на луѓето околу мене. Учителот на лажните обвинувања и на вистината, на лошите и на добрите вести одговара на ист начин: “Така ли?” Тој не е ничија жртва. Ако не се чувствува како жртва, не може ни да биде.
Замислете за момент како би реагирале вие во текот на различните фази на овој настан?
