Деновиве се занимавав со читање за и околу Заратустра, па напишав и цела статија на македонската Википедија за него. Посебно интересни податоци ми се:
- Заратустра учел дека Бог е Добар Творец (Ахура Мазда) на сè, на Сонцето, Месечината и ѕвездите, на духовното и материјалното, на луѓето и на ѕверките. Не е одговорен за злото меѓу луѓето, бидејќи злото доаѓа од духот на раздорот (Ангра Маинју), кој ги создал демоните, владее со пеколот и од почеток му се спротивставува на Бога. Според религијата на Заратустра, светот е бојно поле на кое се борат силите на доброто и злото.
- Легендите велат дека Заратустра е единствениот човек кој не плачел при раѓањето, туку се смеел.
- Во светите списи се вели дека неговиот ум емитирал толку силни бранови, што никој не можел да стави рака на неговата глава, а да не биде оттурната од невидливите бранови.
- Исто така според преданијата, додека чекорел низ пустината, земјата се прераѓала под неговите нозе, и никнувале бројни цветови, а планината пеела, радосна заради неговото враќање.
- За идеите на Заратустра до 18 век речиси ништо не се знаело, освен што се споменувало неговото име како мудрец и волшебник. Се споменува како „Сарастро“ во операта „Магична флејта“ на Моцарт, која е позната и како опера со масонски елементи.
- Познато е делото на германскиот философ Фридрих Ниче „Така зборуваше Заратустра“ (1885), каде преку ликот на Заратустра ги изнесува своите сопствени идеи против моралноста.
- Германскиот композитор Рихард Штраус, инспириран од делото на Ниче, својот Опус 30 го нарекол со истото име „Така зборуваше Заратустра“, а оваа тема е искористена како воведна во филмот на Стенли Кјубрик – „Одисеја 2001“.
И така …
П.С. Еве и негова слика, Заратустра е лево со глобус во рака.
