Tuesday, March 27, 2012

СКИНХЕДСИ

Го прашав за Хитлер, ми одговори за скинхедсите. Рече има три групи скинхедси: едните се за враќање на монархот и кралското семејство, и тие се многу мал процент. На гласање излегуваат само за да нацртаат круна на гласачкото ливче. Мал процент се скинхедсите од левото крило (комунисти и анархисти), кои се препознаваат по црвените врвки на мартинките. Најбројни се десното крило, нео-нацистите, наредени со свастики. Сепак и тие се само 0,2 проценти од целото население.

Трите групи имаат свои поздрави, слушаат своја музика. Никој во Германија не ги сфаќа сериозно, освен медиумите кога немаат други вести, сепак желба на секој млад дечко е да им се придружи, но тоа е фаза која не трае повеќе од две години.

Рече дека скинхедсите никогаш не носат огнено оружје, речиси никогаш не носат ножеви, а се тепаат со тупаници и што ќе им се најде при рака. Кога се тепаат Германец со Германец, ги почитуваат уличните закони: без оружје, нема убивање, а тепачката завршува кога едниот ќе падне на земја. Потоа повикуваат брза помош. Друга еприказната кога се тепаат со странец, затоа што странците носат оружје, или барем ножеви.

Рече дека сам по сам сите се добри деца. Проблем е кога се во група, тогаш напаѓаат. Ако се најдеш меѓу нив, и ако осетат дека се плашиш – напаѓаат и без причина. Немој да ги поздравуваш со одреден поздрав ако не си сигурен на која група скинхедси си налетал. Ако ги поздравиш со крената рака (нацистичкиот поздрав), а си налетал на левите скинхедси – ќе ти ја скршат раката.

Рече дека полицијата речиси никогаш нема проблем со нео-нацистите. Ако треба да ги растера, му се обраќа на водачот, кој потоа дава наредба на останатите. Тие се со војнички менталитет, го слушаат водачот. Проблем има само со левите скинхедси – тие немаат водач.

На крај рече дека и тој како млад поминал низ фазата да биде дел од нив, само не кажа со која група скинхедси поминал две години од својот живот.