Љубовта не е исто со сексуалноста, не е исто со поминувањето заедничко време или живеење заедно. Не е исто со “магијата”, “хемијата” или “електрицитетот”. Сите овие работи може да доведат до блискост, ама не се блискост. Љубовта е верување, доверба.
Имам еден драг човек кого некое лошо искуство го направило да не им верува на луѓето, некој му ја уништил способноста да верува. Кај него се појавува недоверба.
Психолозите велат дека во ваков случај можни се три начини на однесување на несвесно ниво. Иако изгледаат различни, заедничка им е недовербата.
Првиот е вистинска изолација; типично цинично зборување против љубовта и сексот, и злоупотреба на другите луѓе (свесно или не). Ефектот е: лутина и скршени срца. Овде има и луѓе кои потполно се повлекуваат од секаква блискост со другите и живеат во емотивен вакуум.
Вториот е површност. Овој човек може да живее раздвижено и да ја избегнува можноста да ја сподели со некого психолошката реалност. Парадоксот е што овој човек ќе личи дека е “безопасен”.
Третиот е драма без крај. Овде имаме човек кој е “несреќен во љубовта”. Овој човек сам си ги саботира врските.
Во сите овие случаи имаме пример на себе-заштита, вака или онака. Довербата не се развива. Нема трансформација – само болка.
Да појаснам: да се направи добар избор кому да му се верува е важно. Но откако ќе се најде вистинскиот човек, не треба да се уплашиме да го откриеме значењето на зборот – доверба. Спороста и трпеливоста се тука важни. За да се развие довербата, и двајцата партнери мора да си ги откријат здодевните страни, кризите, фобиите… целата човечност. Да се смееме заедно е голем дел од работата. Другиот дел е да сочувствуваме заедно во несреќата, дури и без објаснување.
Можеби и јас сум чудна, ама јас верувам во луѓето… И ете, кој за што – јас пак за довербата
